Од вчерашните контроли на Државниот пазарен инспекторат, 12 објекти со активна лиценца, три не исполнуваат услови, а сепак активно вршат дејност. Како што соопшти портпаролка Марија Митева на прес-конференција, за останатите девет во тек е проверка на документацијата.
– По однос на ваквата состојба веднаш до министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно законот. На терен во секој момент овие денови се над десет тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден – изјави Митева.
Таа соопшти дека е направен план за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото.
На прашање кои се трите објекти кои не работеле прописно, а имале лиценци, одговори дека би сакала да ги каже градовите, а и објектите, но дека во овој момент тоа се информациите со кои располага.
Во врска со информации дека сопственици на вакви објекти интервенираат и отстрануваат инвентари за да се скријат траги дека работеле, портпаролката одговори дека „кружат такви информации и шпекулации“ и оти сите ќе бидат проверени.
– Дури и оние што немале лиценца, вршеле работа, и тие што имале. Сите, буквално до еден, ќе бидат проверени согласно законите за најмалку услови што мора да ги исполнат за да работат. Секој ден ќе има информации за текот на контролата, додаде Митева.
На прашање дали во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која од 2023 имала лиценца за работа, биле проверувани техничките услови, што е дел од годишните планови на Пазарниот инспекторат, таа рече дека токму тоа е дел од истрагата и не може да изнесува детали.
– За тоа како е постапувано години наназад согласно планот за работа, би сакала да споделам податоци, но токму плановите за работа се дел од истрагата и не можам ништо дополнително да кажам за да не ја нарушам, одговори Митева.
slobodenpecat.mk