Мицковски: Во петок нема да поддржиме бугарски диктат за уставни измени

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата на пленарната собраниска седница во петок, посветена на уставни измени ќе ги повтори нашите аргументите, исто како што направивме на Комисијата за уставни прашања. Остануваме на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да дадеме поддршка“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција по редовната координација на коалицијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека уште при гласањето на дневниот ред ќе се види дали власта има мнозинство за донесување на уставните измени или не и ќе се согледа дали една година манипулираат со бројката за цензусот и за оние кои даваат поддршка на уставните измени.

Веќе кажавме дека власта турка процес кој не е поддржан од граѓаните, тоа и ќе го повториме, а седницата ќе биде добра можност целокупната јавност да се увери дека власта лаже цела година, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени, нагласи Мицевски и оцени дека така се случува секогаш кога народот ќе се потцени и кога личните интереси се ставаат пред државните.

„Власта цела година купуваше време и сега станува жртва на сопствените лаги“, рече тој.

Прашан дали ќе дебатираат на седницата, Мицевски рече дека аргументирано ќе објаснат исто како и на Комисијата за уставни прашања и додаде дека до него како координатор досега нема никакви притисоци, но има поддршка од граѓаните кои од него бараат да истраат во намерите.

Мицевски изрази надеж дека точката на дневен ред ќе биде ставена на гласање за целокупната јавност да види дека нема доволно мнозинство за усвојување на уставните измени.

Собранието за в петок има закажано седница на која единствена точка на дневен ред е усвојување на уставни измени и вметнување на Бугарите и други пет етнички групи во Уставот на Македонија, нешто што беше побарано од Софија како услов за започнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.