Премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата на единство со цел да се убедат европратениците да се донесе резолуција со којашто се признава посебниот македонски идентитет и јазик.
„Посебниот меѓувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик е факт и секој оној кој ги негира и одбива да ги прифати е анти-НАТО и анти-ЕУ. Така што секој кој не го прифаќа ова од земјите-членки и кој било европратеник кој нема да гласа за оваа резолуција е анти-ЕУ и е спротивно од европските вредности дефинирани од Аденауер, Шуман и Де Гаспери многу одамна“, порача Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Ваквата изјава следи по најавите дека Европскиот парламент (ЕП) е пред усвојување на извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи четири места во кои се признава македонскиот идентитет и јазик. Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој на 15 јуни 2023 година го призна македонскиот идентитет и јазик со својата резолуција.
Мицкоски вели дека за првпат пред европратениците ќе се најде извештај во кој во неколку наврати се споменува многувековниот посебен македонски идентитет и јазик.
„Често е повторувано дека тоа не е пречка за никого. Очекувам европратениците едногласно да го усвојат овој извештај во којшто се потврдува посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик којшто е дел од официјалните јазици на Обединетите нации и меѓународно признаен или кодифициран во 1977 година, иако кодификацијата е завршена уште 1945 година во рамки на ОН“, рече Мицкоски кој потсети дека годинава славевме 80 години од кодифицирањето на македонскиот јазик.

Од Исток други ветришта
Осврнувајќи се на реакциите од соседна Бугарија, Мицкоски вели дека повторно од Исток стигнуваат поинакви коментари и гласови. „Но, да видиме како целата оваа работа ќе заврши“. рече тој.
Премиерот го повтори повикот на национално единство, којшто го упати на чествувавањето на денот на светите браќа „Кирил и Методиј“. „Тогаш повикав на вакво единство – настрана од нашите дневно политички разлики. Ги повикувам сите политички чинители во државата да се обединат и да почнат од денес да вртат на своите сестриски партии коишто имаат европратеници во Европскиот парламент“, рече Мицкоски, посочувајќи дека мисли на опозициските СДСМ и ЛДП.
Најави дека ВМРО-ДПМНЕ на Извршен комитет ќе подготви стратегија како „на лице место да испрати луѓе во Брисел за да разговараат со европратениците околу потребата од носењето на оваа резолуција, со која што се признава посебниот македонски јазик и идентитет“.
Мицкоски вели дека според неговите информации, расправата за резолуцијата треба да се одржи на 4 јуни, а за неа да се гласа во јули.
Бугарските медиуми во вторникот (27.05) објавија дека „ова е прв случај во кој ЕП ќе признае јазик и идентитет што Христијан Мицкоски ги нарекува ‘вековни’. „Признанието ќе биде дадено со следниот извештај на ЕП за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, кој треба да се усвои во јули. Признавањето на јазикот и идентитетот беше постигнато откако главниот известувач – aвстриецот Томас Вајц од Зелената партија – постигна консензус со другите седум известувачи ‘во сенка’ што ги претставуваат политичките семејства во ЕП“, објави БГНес.