Мицкоски: Владата ќе прифати се што ќе договорат работодавачите и работниците, меѓу другото и за минималната плата

Се уште трае седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС) и таму има два партнера, работодавачите и работниците. Тие треба да се усогласат околу параметрите, меѓу кои е и минималната плата. Владата е во поразлична позиција. Од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме двете страни да се усогласат, што можат едните, а што другите да прифатат, рече денеска премиерот Христија Мицкоски.

Владата, напомена Мицкоски на прес-конференција, е тука да фасилитира, а не да одлучува.

-Се што ќе договорат работодавачите и работниците, ние како Влада ќе го прифатиме, истакна Мицкоски.

Тој потсети дека со Буџетот за 2025 година кој е во собраниска процедура, се предвидени средства за зголемување на пензиите и дека има средства за раст на платите во здравството и образованоето.

Пред почетокот на седницата на ЕСС, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека остануваат на барањето за минимална плата од најмалку 450 евра, како и за зголемување на платите во јавниот сектор. Трендафилов изрази и очекување дека „останатите социјални партнери“ ќе ги прифатат овие барања.

-Во Буџетот можеби прв пат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто. Согласно буџетските проекции кои ССМ можеше да ги види, Владата предвидува средства согласно колективните договори и законите за зголемување на платите. Нарушениот животен стандард со постојаниот раст на синдикалната минимална кошничка која од почетокот на годината до денеска се зголеми за повеќе од 4 800 денари, треба да биде доволен мотив за покачување на минималната плата, нагласи Трендафилов.

 

 

denesen.mk