Мицкоски: Започна изградбата на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“

Поврзувањето на двете Преспи, и од македонската и од грчката страна на границата и отворањето на преминот Маркова Нова носи надеж за жителите на преспанскиот регион. По седум години од потпишувањето на Преспанскиот договор ставен е првиот камен за изградба на граничниот премин „Маркова нова“, којшто се толкува како „историски чин“ и „нова ера“ за подзаборавената Преспа, објави dw.com.

Доколку се реализираат плановите до 2027 година да завршат градежните работи за изградба на уште еден граничен премин, со кој ќе се поврзат Македонија и Грција, надежите се дека тоа за Преспа би значело целосна транформација – заживување на економијата и враќање на туристите на Преспанското езеро, коешто со години е запоставено.

Историски чин
„На овој ден започнуваме со едно трансформативно патување низ Преспа. Во наредните 16 месеци ќе има многу работа за да се завршат градежните работи во предвидениот рок до 2027 година, со цел повторно да се изгради преминот „Маркова нога“. Со ова ќе можеме да докажеме дека економската и прекуграничната соработка одат рака под рака со одрлживоста во животната средина“, вели постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со евроамбасадорот Михалис Рокас присуствуваа на поставувањето на камен-темелник за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“.

Тројцата се согласни дека станува збор за „исторски чин“. Преминот Маркова нога ќе ги спои двете Преспи – од двете страни на езерото и ќе го заживее овој дел на Македонија.

„Се надеваме на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе и се разбира и локалното население да го види бенефит од овој проект“, вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Според премиерот Христијан Мицкоски ова е посебен ден за Преспа. „Овој граничен премин е само уште еден чекор за поврзување на двете Преспи, од едната и од другата страна на границата и мислам дека вакви примери се позитивни и за двете држави и во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме оти само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави“, порача Мицкоски.

Рокови и планови
Рокот за градежните работи на двете страни од границата е до 2027 година. Во тек се подготовки и на грчката страна, каде во тек е изградба и на пат во должина од три километри, по што ќе започнат и активностите за изградба на преминот.

Која е визијата на ЕУ за Преспанскиот регион? Евроамбасадорот Михалис Рокас вели дека за ЕУ е далеку поважно која е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа. „Мислам дека тоа што е најважно е да се има визија којашто ќе биде фокусирана на размена на искуства од трите страни на границата, економски развој, повеќе можности за граѓаните, економска одржливост, како и зачувување на Преспанското езеро, коешто не е само природно наследство на Преспанскиот регион, туку исто така се смета и како европско наследство“, вели Рокас.

Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година. До тогаш треба да се изгради царинската зграда со придружната инфраструктура (Канцеларија на осигурителната компанија, јавни тоалети, резервоар за вода, нова станица за третман на вода кај трафостаницата, три пристапни патишта, паркинг) кај новиот граничен премин Маркова нога – Герман.

Работите, вредни два милиони евра, се дел од финансиската програма ЕУ за Преспа, кој изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Европската унија, а остатокот се од националниот буџет. „ЕУ за Преспа“ се спроведува преку два договора за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира националната царинска управа. Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија финансирана од ЕУ (вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и 114,136 евра од општина Ресен) за финансирање на градежните работи од двете страни.

За растојание од само пет километри, со години соседите од преспанските села од двете страни на границата мораа да возат преку граничниот премин Меџитлија – Ники, што значи дополнителни 130 километри и повеќе од два часа возење. Причина за тоа беше што повеќе од пет децении беше затворен најблискиот граничен премин Маркова Нога – Лемос.

Поранешниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу, на 8 март 2019 година ја потпишаа Спогодбата за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион, Маркова Нога – Лемос.

извор: dw.com