Мицкоски за Францускиот предлог: ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор што е на штета на Македонските интереси

Да бидеме на чисто, тоа е ништо друго освен капитулација без одлагање. Што би се рекло бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут, кажа Претседателот проф.др. Христијан Мицкоски на вчерашниот протест пред владата во однос на Францускиот предлог за ставање на Бугарските барања во преговарачка рамка за влез во ЕУ.
– Дозволете ми во неколку реченици да го објаснам тоа што го пишува во тој предлог. Како прво, нема датум за почеток на преговори во тој предлог, туку има услов, ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата на Софија. Второ не лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот. Трето, тоа што до вчера беше наш проблем со официјална Софија, во овој предлог станува наш проблем со официјален Брисел и целата Европска Унија. Или да бидам попрецизен асимилација, бугаризација па потоа европеизација или никогаш нема да бидеме дел од Европа, потенцираше претседателот.

Мицкоски кажа и дека кон Македонија има постојано нови барања и ригидни уцени! Постојано инфлација на напади кон македонскиот народ и крајно неразумни притисоци.

Претседателот упати порака и до Ковачевски.

– Стојам овде пред вас, стојам наспроти владата, ако не е таму, сигурно ќе му пренесат, оваа порака е до Димитар Ковачевски. Те разбирам, знам каков проблем имаш, што би рекле нашите повозрасни ти си меѓу ковалната и чеканот. Од едната страна менторот, твојот стопан ти вели немој да си ја напуштил фотелјата уште имаш бизниси да ни заштитиш нам како семејство. И второто, твојот коалиционен партнер кој што ти вели немој да го отфрлаш овој договор, овој предлог затоа што утре ќе излеземе од владата и истата ќе ти падне. Немој да се грижиш, немој Димитар да се грижиш, еве јас сум тука, овој народ е тука, излези, охрабри се и одбиј го! Одбиј го овој предлог! Ние стоиме позади тебе! Одбиј го овој предлог, еднашка во животот одбиј го, охрабри се и биди достоинствен! Не го слушај менторот, остави ги овие кои што велат дека ти ја држат владата. народот, народот е тој кој што бира и менува Влада. Овој народ ќе те оправда ако утре излезеш и го одбиеш овој предлог.

На крај тој заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на националните интереси. А, ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила во Собранието, тогаш идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и да применува, и тоа на сите треба да им е јасно.

извор: ВМРО ДПМНЕ
фото: ВМРО ДПМНЕ