Злоупотребите направени во Државната лотарија се многу повеќе од осум милиони евра, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, не откривајќи повеќе детали. Мицкоски одби да ги коментира гласините во јавноста дека парите злоупотребени од државното акционерско друштво се инвестирани во криптовалути.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договориле Груби да избега, наведувајќи дека сомневањата му се потврдиле по, како што рече, „контроверзните соопштенија на власта“.
„Прво беше соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш и потоа дека не работеле камерите кои, рече, „знаеме дека не работат на батерии“. Сето тоа граѓаните го слушаат и секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква позадина во сето тоа“, рече Филипче.
slobodnaevropa.mk