Дојде времето кога мора да се порамнат сметките со оние кои краделе и се богателе на грбот на овој народ. Одговорноста не е закана, туку мое ветување и нужен процес за секого, без разлика на вера, нација или било каква припадност или неприпадност, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибината „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“.
Мицкоски потенцираше дека изборите се решение за излез како и лекот против оваа криминална и коруптивна гангрена наречена ДУИ со подизведувач СДСМ која ќе биде жестоко поразена од народот.
Воедно сакам да посочам дека наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа, порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен. Овие избори ќе бидат многу повеќе порака од народот до власта за скапиот живот, инфлацијата која е двоцифрена и највисока во Европа, за немањето на здравствен систем, за корупцијата по судовите, обвинителството, за врските-непотизмот, криминалните тендери, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека тоа ќе биде порака и на оние добри луѓе кои со месеци молат пред вратите на институциите и се уште го немаат лекот Трикафта, но и порака на младите на кои им ги одземаа сите шанси, порака на докторите, медицинскиот персонал кој го обезвреднија, на земјоделците чија мака е неплатена, на невработените, но и вработените со ниски плати, на родителите кои треперат за своите деца, на сите оние храбри луѓе кои пред налетот на тешкиот живот им удираат по достоинството, на успешните луѓе кои ги прават со сила да се чувствуваат губитници, на пензионерите со кои си поигруваат.
Порака на сите нив на кои треба да им кажеме готово е, доаѓа крајот. Готово е. Ова мора да заврши со убедлив триумф на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на следните парламентарни избори, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека од власта се богати, а народот сиромашен зошто секој тендер на државата има однапред добиен понудувач.
Зошто има пари за службени возила, а нема за нови клупи на училиште. Зошто има пари скапи државни прослави, разни државни форуми, а нема пари за грижа за болните од ретки болести. Зошто тие живеат во хациенди, а народот нема ни за сметки за струја. Одговорот е јасен, затоа што тие се богатат со потта и над несреќата на овој народ. И доаѓа времето за она што се вика одговорност. Време е за одговорност, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека неспособноста во Македонија се плаќа скапо, некогаш со нефункционирањето на системот, некогаш со многу корупција, а некогаш и со животи, како што беше случајот со изгорената модуларна болница во Тетово и време е на сето ова да се стави крај.
Од нас зависи дали ќе ставиме крај. Меѓу другото обврска сите да учествуваме во политичкиот живот, да не се седи на страна е и патриотска должност. А заедничкиот патриотизам не е апстрактна норма во која веруваме, туку делување против она што ја руши нашата иднина. Е таа неспособност ќе биде поразена, дециден е Мицкоски.
фото: Архива