Мицкоски и Ергодан ќе го зајакнуваат стратешкото партнерство

Северна Македонија и Турција ќе ја продлабочуваат соработката и стратешкото партнерство преку основање на Совет за соработка на високо ниво. Документот во Истанбул го потпишаа македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

„Ја потврдивме нашата заедничка посветеност за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји“, изјави Мицкоски по потпишувањето на политичката декларација.

Овој Совет, според премиерот, ќе претставува важен механизам за продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво. „Убеден сум дека оваа иницијатива ќе придонесе за нови можности и уште посилни врски меѓу нашите народи“, вели Мицкоски.

Ердоган изрази надеж дека ќе присуствува на првата средба на Советот, којашто треба да се одржи во Скопје. „Ердоган е наш голем пријател. Тој е секогаш добредојден кај нас“, порача Мицкоски.

Продлабочување на соработката
Ова е прва посета на Мицкоски на Турција, кој оцени дека станува збор за „пријателска“ држава, а дека во Ердоган гледа „голем поддржувач и пријател“.

„На средбата разговаравме за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар“, порача Мицкоски на заедничката прес-конференција.

Соработка силна како Камениот мост
На средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството. Двете земји се сојузници во НАТО, а заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот. Ердоган воедно порача дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција меѓу народите, туку како поле за заедничка соработка и за развој.

„Турција е една од првите земји која ја призна независноста на Северна Македонија и наш соработник во НАТО. Ние сме две пријателски земји кои директно влијаат за зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се силни како што е силен Камениот мост“, вели Ердоган.

На средбата со Мицкоски, тој вели дека станало збор и за ситуацијата во Украина, како и случувањата околу Блискиот Исток. За Турција, според Ердоган, клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во палестинските области нагласи дека двете земји споделуваат ист став, а тоа е формирање на две држави.

 

 

DW