Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Северна Македонија комуницира со Европската Комисија за решавање на спорот со Бугарија, но се чека одговор од Софија за евентуална средба помеѓу официјални претставници на двете држави.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија (ЕК) и вчера и денес. Сè уште немаме повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски.
Премиерот претходно изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта покренал иницијатива за средба помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Таа, според претходните изјави, би се случила на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. Од македонска страна, претставник на Северна Македонија ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова додека од бугарска извесно е дека ќе биде премиерот Росен Жељазков иако очекувањата беа дека тоа ќе биде претседателот Румен Радев.
Сиљановска-Давкова вчера (13 јуни) рече дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега нема да биде присутен на овој настан.
Двете соседни земји – Северна Македонија и Бугарија имаат билатерал спор кој е пречка за македонските евроинтеграции.
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
Откако го реши речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
slobodnaevropa.mk