Мицкоски на средба со новиот претседател на Советот на ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во Брисел ќе присуствува на неформална работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западен Балкан ја организира новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, чиј мандат почна на први декември. Претходно Мицкоски ќе има и одвоена средба со Кошта.

Од прес службата на Кошта претходно за медиуми изјавија дека целта на неформалната вечера е претседателот на Европскиот совет да се сретне со лидерите од земјите на Западен Балкан на почетокот на неговиот мандат, затоа што планира „да даде нов замав на односите со регионот“, односно да испрати сигнал дека во својата работа Западен Балкан ќе го смета како еден од приоритетите и сака да има редовни односи со лидерите од регионот.

На вечерата се поканети претседателите на Косово, Србија и Црна Гора – Вјоса Османи, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти.

Пред неформалната вечера, Кошта ќе има билатерални средби со Рама, Мицкоски, Цвијановиќ, Вучиќ и Курти, а утре претпладне ќе се сретне и со Османи и Милатовиќ.

И за регионалните тензии

За утре беше најавувана и средба на лидерите на земјите од Западниот Балкан со високи претставници на ЕУ, на која главна тема требаше да биде имплементацијата на Планот на Европската комисија за раст на регионот, но таа е откажана.

Според новиот портпарол на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие, одложувањето на средбата нема да влијае на процесот на исплата на првите средства во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан.

Неформалната вчера кај новиот претседател на ЕС, денеска ќе биде можност и за подготвка на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18-ти декември, но се проценува дека во фокусот ќе бидат и други прашања. Особено што денешната средба се случува во време на тензии меѓу Србија и Косово, предизвикани по нападот врз каналот за вода во Зубин Поток во северно Косово минатиот петок, но и стравувања дека тие би можеле да поттикнат пошороки импликации. Вучиќ и Курти денеска ќе имаат одвоени средби и со претставничката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, а како што најави главната портпаролката Анита Хипер, средбите сами по себе не се дел од процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина кој се води со посредство на ЕУ. Вучиќ, како што е најавено од неговиот кабинет, ќе има одвоени средби и со генералниот директор на Директоратот на ЕК за проширување и соседска политика, Герт Јан Копман, и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Се очекува Калас и Кос да бидат присутни и на неформалната вечера со лидерите од Западен Балкан.

 

 

DW

ДУИ со апел до меѓународниот фактор

Додека Мицкоски престојува во Брисел, од ДУИ денеска преку соопштение упатија апел до меѓународниот фактор внимателно да ги следи случувањата во Македонија и да интервенира за да спречи дестабилизирачките агенди да предизвикаат непоправлива штета на земјата и регионот.

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за опасните политики на Владата, кои не само што ја поткопуваат стабилноста на Северна Македонија, туку и се совпаѓаат со дестабилизирачка агенда која им служи на геополитичките интереси на Русија. Последните потези на владата, вклучително и обвинувањата против Албанците за кризи кои самата ги создава, покажуваат јасна стратегија која има две цели: да ги уништи темелите на Охридскиот рамковен договор, и да го одвлече вниманието од неуспехот да ги реализира неопходните уставни измени за интегративниот пат кон ЕУ“, се вели во соопштението.