Премиерот Христијан Мицкоски и министрите во Владата на Северна Македонија утре и задутре (3 и 4 март) ќе престојуваат во официјална посета на Унгарија.
Предвидено е Мицкоски да одржи тет-а-тет средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а и да се одржи заедничка седница помеѓу владите на двете држави, соопштија од владината прес-служба најавувајќи го овој унгарско-македонски самит.
Се очекуваат и повеќе билатерални средби меѓу ресорните министри.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со унгарскиот колега Петер Сијарто треба да потпише и Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на теми поврзани со интеграцијата со ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика.
Мицкоски и Орбан треба да одржат и заедничка прес-конференција.
Ова ќе биде втор ваков настан откако македонската и унгарската влада одржаа заедничка меѓувладина седница во септември во Охрид, Северна Македонија.
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан важи за блиска до владејачката партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.
slobodnaevropa.mk