Мицкоски: Не може со сила да биде разрешен Судскиот совет, нив ги штити законот

Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан околу интерпелациите поднесени за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

-Органот којшто ги избрал тие пет члена има право да даде свое мислење за нивната работа и тој со тоа што не им го прифатил извештајот за работа дал свое мислење. И сега логично е дека можат пратениците да поднесат таква процедура за интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале, бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се бирани само од пратениците, има и од судовите итн. Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи, рече Мицкоски.

Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.

– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.

Премиерот посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки.

 

 

denesen.mk