Денеска, кога ја одбележуваме јубилејната година од основањето на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, на денот кога го славиме не само бројот на годините, туку и патот што го минавме како народ и како политичка сила, се чувствувам повикан и обврзан да зборувам за она што сме, што бевме и што ќе бидеме. Овој ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на заедништво.
ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и под притисоци, се бореше за свој идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност.
Во растежот на партијата, во нашите порази и победи се вклучени многу наши браќа и сестри. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и уништувани. Но ние не се откажавме. Затоа што верувавме во нашата идеологија и затоа што ја сакаме нашата татковина. Но, мораме да признаеме – периодот што го оставивме зад себе не беше лесен. Последните седум години, до лани, беа години на катастрофално владеење од страна на ДУИ и СДСМ, полно со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, сега беа рушевини.
И токму поради ова, нашиот влез во власта пред една година беше повеќе од промена на гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и правда. Ние сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема привилегирани, туку правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе злоупотреби довербата на народот. Пред нас стојат многу предизвици, но и уште повеќе можности. Затоа ќе предложиме и предлагаме конкретни мерки. Силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои нè дефинираат како народ. Ќе успееме. Не заради нас, туку заради децата наши. За нив, и за секој човек кој верува дека Македонија е местото каде што сонувањето има смисла.
Да живее Македонија!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Идеја што не запира. Вредности кои носат промени.
Сега е времето за Македонија кое доаѓа!