Мицкоски: Ќе се борам за македонското прашање

„Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е земјата да стане полноправна членка на ЕУ“, порача премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски по враќањето од САД, кадешто изминатите денови имаше средби со опкружувањето на новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп.

Оценувајќи ја посетата како многу успешна и корисна, Мицкоски го повтори ставот од пред неколку дена, кој предизвика остри реакции на Атина, дека покрај домашната битка, „мора да победуваме и во Вашингтон и во Брисел и Рим и во Лондон и во други метрополи во светот и да бидеме што е можно погласни, што повеќе аргументи да презентираме кај нашите соговорници, за македонското прашање, за сите оние предизвици кои се пред нас“. Мицкоски е изненаден од реакцијата на Грција и овојпат упати директни критики кон Бугарија, којашто и во 21 век не ги почитува правата на македонската заедница во земјата.

„Бугарија не ги почитува човековите права“
Според Мицкоски, поразително е што во 21 век, Бугарија како земја-членка на ЕУ која не ги почитува човековите права, согласно одлуките на Судот за човекови права во Стразбур.

„Вие знаете дека Судот за човекови права има донесено плејада на пресуди кои што се однесуваат на човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед кои што не се почитуваат. Зборуваме за 21 век, зборуваме за членка на ЕУ која што не ги почитува човековите права на македонската заедница и тоа е нешто кое што претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век се уште е предизвикан македонскиот идентитет“, дециден е Мицкоски.

Тој порача дека македонското прашање не затворено и ќе се бори за него додека ја извршува улогата на премиер.

„Би било неодговорно, несериозно, предавнички од мене ако кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање се додека ја вршам оваа улога која што ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат. Знам дека во минатото имало луѓе кои што ја предводеле македонската Влада, на кои што македонското прашање воопшто не им било ниту меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада каде што прв приоритет на премиерот му е македонското прашање“, изјави Мицкоски при увидот на градежните активности на патот Катланово-Градманци во општина Петровец.

Подготвеност за разговори
Околу подготвеноста за средба со новиот бугарски премиер, Росен Жељазков, Мицкоски вели дека би презел чекори за контакт и би сакал да се сретне и да разговара со него за спорот со Бугарија.

„Да видиме дали можеме заедно со нашите стратешки партнери и од САД и од ЕУ, да седнеме и да видиме да го фасилитираме овој процес. Со билатерални прашања не можеме да браниме европски вредности. Тоа што оваа Влада го прави е одбрана на европските вредности, наспроти оние кои ги злоупотребуваат своите позиции во рамките на ЕУ. Немам против да разговарам со секого, каде било за да го одблокираме процесот“, порача Мицкоски.

„Имаат грижа на совест – работи потсвеста“
Изјавите на Мицкоски за македонското прашање деновиве предизвикаа реакции во Грција, која оцени дека Мицкоски се обидува „да го врати на преден план прашањето кое еднаш засекогаш е решено“.

„Не знам каде се препознале, дали можеби имаат грижа на совест па работи потсвеста. Фројд е чудна работа, но јас нема да навлегувам во таква дебата. Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на ЕУ“, рече Мицкоски.

 

 

DW