Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија излезе со став по повод протестната нота од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, во којашто се бара целосно објаснување во врска со настанот на Скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Македонското Министерството побарало информации од надлежните институции и по анализата на собраните податоци ќе преземе мерки, со цел, како што соопшти Министерството, во иднина да се избегнат вакви ситуации.
-Република Македонија и Република Косово одржуваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка, без отворени прашања и со искрен и континуиран дијалог на сите нивоа и во сите области. Во наведениот контекст изразувуваме жалење за недоразбирањата кои се случиле во текот на вчерашниот ден, при патувањето на претседателката на Република Косово Вјоса Османи на меѓународниот Аеродром во Скопје, стои во соопштението на Министерството.
Оттаму напоменуваат дека од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија во врска со вчерашниот настан веќе се побарани информации од сите надлежни институции.
-Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации, стои во реакцијата на Министерството.
Македонското МВР во четвртокот вечерта соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје. Како соопшти МВР, додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер.
-По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин, соопшти МВР додавајќи дека веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Од ТАВ Македонија соопштија дека одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапило во рамките на своите овластувања и спровело стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП – салонот со што воопшто не беше загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците. Оттаму категорично ги отфрлаат наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка при прегледот во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје.
Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, во четвртокот преку соопштение демантираше каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми. Гаши, пак, во изјава за медиуми вчера кажа дека „интервенирал да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент, и мислам дека се заврши како што треба“. Вели дека ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако ќе треба да одговара.
Претседателството на Република Косово вчера преку соопштение до јавноста изразило огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“ по инцидентот со претседателката Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Во соопштението по повод инцидентот се наведува дека Османи единствено одбила да го даде на скенирање својот телефон, кој го користи како шеф на државата за официјални комуникации и за прашања од националната безбедност.