МНР на Бугарија денеска реагира на изјавите на премиерот на Албанија, Еди Рама, на прес-конференцијата во Брисел по состанокот ЕУ-Западен Балкан и другите негови изјави, а во кои ја критикуваше Бугарија поради ветото кон С Македонија, а со тоа и блокадата на евроинтеграциите на Албанија.
„Бугарија отсекогаш била меѓу оние земји членки на Европската Унија кои ја поддржуваат европската припадност на албанскиот народ. Ја браневме европската перспектива на Албанија и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, дури и кога беше многу потешко од денес. Ние се залагаме за тоа денес, и покрај сè, во име на заедничката европска иднина. Како одговор, не е првпат да слушаме неиспровоцирани остри, навредливи квалификации од шеф на влада. Жолчните изјави на толку ниско ниво повеќе не можат да се оправдаат со природата и недостигот на европски комуникациски вештини. Очекуваме албанскиот премиер да ги приспособи своите изразни јазични средства соодветни за политичар од земја кандидат за членство во ЕУ“, се вели во ставот на бугарското МНР.
Во соопштението се додава уште и дека инсистираат на одржување на добар тон на комуникација.
„Имаме заедничка иднина со Албанија. Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат. Нашите народи имаат заеднички интерес, кој не смее да се поткопа со погрешна проценка на еден политичар. Недозволиво е односите меѓу државите да станат заложник на ексцентричноста на актуелниот албански премиер“, соопшти МНР на Бугарија.
фото: Архива