Во спомен на починатите, православните верници ја одбележуваат Задушница, еден од најголемите христијански празници. Сеќавајќи се на покојните претци, верниците се молат за простување на гревовите.
Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите.
Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква постојано апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
– Во православната црква имаме само безкрвни жртви. Сето друго кое се принесува, раздавањето, разното количество на храна подразбира и излишно нешто и може да се намени за некои подобри цели, отколку да се остава на гробиштата или да се раздава меѓу верниците. На пример, може да се искористи како жртва во името на починатиот и да се даде на сиромашните семејства кои сигурно ги имаме во зградата или во маалото каде живееме, потоа во народните или црковни кујни да се донира таа храна како количество кое би било употребено целисходно, вели свештеник.
– Задушница. Молитвен помен на покојните. Суштинска пројава на тајната на Црквата Христова. Внатре во Црквата луѓето се подвизуваат, за да престанат да бидат единки и делови и се обидуваат да се соединат во едното тело Христово. Да станат браќа и сестри меѓу себе. Да се ослободат од егоизмот и индивидуализмот и да станат целосни, се вели во објавата на фејсбук страницата „Православно секојдневие“.
skopjeinfo.mk