МОН: Авторите и рецензентите на учебникот по Историја за 5-то одделение предизвиците требало да ги надминат со Националната комисија за учебници

Oд Министерство за образование и наука (МОН), велат дека авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество за 5 одделение, вината за направените грешки во содржината, неосновано ја префрлаат на МОН.

Од Министерството потенцираат дека предизвиците требало да ги надминат во корелација со Националната комисија за учебници.

Должни сме да информираме дека по направените измени во учебникот кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите до Националната комисија за учебници на ЦД го имаат доставено учебникот заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата, се наведува во соопштението од Министерство за образование и наука.

Оттаму посочуваат дека сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници.

Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен, велат од Министерство за образование и наука.

извор:МОН