Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се направени измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, согласно кои се проширува опсегот на мерката.
Отсега работниот статус не е ограничувачки услов за студентите, така што правото ќе можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
„Согласно законските измени, објавен е нов повик за остварување на правото, на кој можат да се пријават сите студенти кои припаѓаат на некоја од категориите согласно проширениот опсег на мерката. Рокот за аплицирање на овој вонреден повик трае од 14 до 16 април. Студентите пак, кои досега го остварувале ова право, немаат обврска да се пријават на повикот, односно продолжуваат со користење на мерката“, стои во соопштението.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота во текот на академската година, со исклучок на периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и неработни денови.
slobodnaevropa.mk