Интервју со Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром за ekonomijaibiznis.mk.
Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Аеродром остварува континуиран напредок во своето работење?
Тимчо Муцунски: Општина Аеродром е една од најмодерните и најурбаните општини не само во Скопје туку и во цела Македонија. Кога би направил дистанца од мојата сегашна функција би рекол дека Аеродром генерално е едно убаво и средено место за живеење, кое нуди многу можности за нормален и современ живот на сите генерации. Аеродром изобилува со прекрасни паркови по кои е препознатлив, има многу дрвја и зелени површини, има детски и спортски игралишта каде што се развива спортскиот дух уште од најмлада возраст и поради тоа со години Аеродром го носи епитетот на спортска општина. Иако се води како урбана општина, да не заборавиме дека Аеродром има и рурален, мошне запоставен дел на кој особено ќе се фокусираме во наредните години. Мојот заклучок е дека станува збор за општина која нуди урбан живот, сосема блиску до срцето на градот, а сепак на пристојна оддалеченост за еден мирен семеен живот, што е многу важно затоа што општината има многу млади семејства кои се одлучуваат тука да ги растат своите деца. Секако, има простор да се направи уште многу и затоа се обврзав сето она што е напишано во мојата предизборна програма да биде реализирано во предвидените рокови. Засега сме фокусирани на враќање на сјајот на нашиот Аеродром бидејќи аеродромци заслужуваат многу повеќе и многу подобро.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Аеродром? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
Тимчо Муцунски: За жал, наследивме општина која тонеше во ѓубре и отпад. Првото што го направивме беше мапирање на сите депонии во нашата општина, лоцирање на најкритичните точки, како и на старите и дотраени контејнери кои се поставени на лоши места и кои постојано беа преполни со ѓубре кое се излеваше од нив и претставуваа неубава слика за Аеродром. Нашите комунални служби, во соработка со Јавното комунално претпријатие на Град Скопје, веќе два месеца интензивно работат на нивно расчистување. Со општинските инспекциски служби воспоставуваме нов ред со кој сакаме да ги лоцираме причините поради кои несовесните граѓани постојано фрлаат шут и отпад на јавни површини со што директно ја загрозуваат животната средина, но и здравјето на нашите жители. Од неодамна воведовме сменско работење на нашите инспектори кои имаат задача да ги едуцираат граѓаните, а во крајна линија и да ги казнуваат оние кои се однесуваат несоодветно кон средината во која сите ние живееме и работиме.
Во однос на вториот дел од прашањето, би сакал да истакнам дека Аеродром е високорезидентна населба што можеби е главната причина за поограничениот локален економски развој. Но, и покрај тоа, на нашата територија сепак функционираат голем број мали и средни претпријатија кои даваат огромен придонес.
Сметам дека заедно со граѓанскиот и бизнис-секторот можеме многу да направиме за Аеродром. Постојат многу можности за развој преку кои ќе го воспоставиме Аеродром како стандард за една успешна и убава општина.
Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
Тимчо Муцунски: Локалната самоуправа е многу специфична по многу работи. Општините имаат директен и непосреден контакт со граѓаните, а главната цел за постоењето на оваа самоуправа е да им обезбеди на жителите функционални и пријатни услови за живот и работа, како и олеснет пристап до услугите кои се од витално значење. Секакви регулативи и закони кои би значеле подобрување на животот на нашите граѓани секогаш ќе најдат поддршка од страна на општината. Граѓаните секогаш треба да се на прво место, да ги слушаме нивните барања и потреби и токму тие да бидат основа за промени на правната регулатива во однос на локалните заедници. Нашето мото е дека аеродромци треба да се среќни и задоволни со цел да создадеме приказна за успешна општина.
Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
Тимчо Муцунски: Аеродром е општина во рамките на градот, а тоа значи дека голем дел од активностите не се под наша надлежност, конкретно во делот на работата на јавните претпријатија, на одржувањето на булеварите и улиците кои се под надлежност на Град Скопје, како и други јавни површини. Но, со заедничка соработка и успешна координација мислам дека може многу да направиме заедно за поуредена и почиста општина, но воопшто и поубав град. Што се однесува до децентрализацијата на ниво на држава, мислам дека движење во насока на комплетна децентрализација во однос на локалната самоуправа е добро решение, но сепак тоа е едно чувствително прашање за кое се надевам дека кога ќе созреат условите ќе биде детално разгледано, а доколку наиде на поддршка и комплетирано во целост. Сето ова ќе значи поголеми права, обврски и одговорност за локалните самоуправи, што би било позитивна појава.
Дали има нешто што самата Општина Аеродром може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
Тимчо Муцунски: Секоја година се носат буџет и програма за работење и развој на општината. Од политиките зависи како и во што се вложуваат средствата. Нашата цел е да се фокусираме на проекти кои се од витално значење за аеродромци, но и за оние граѓани кои работат и транзитираат низ нашата општина. Јас во мојата програма издвоив топ 7 приоритети кои се планирани за наредните четири години – изградба на нови детски градинки, бројни сообраќајни решенија за намалување на хаосот по улиците, изградба на современ мултимедијален центар за културни и забавни случувања, изградба на велодром затоа што сакаме да го поттикнеме користењето на велосипедите кај нашите жители, како и имплементација на систем за општина со нула корупција. Сакаме да ги следиме трендовите и докажаните практики во светот и во таа насока ќе настојуваме изворите на приходи да се насочуваат кон капитални проекти, а истовремено да се намалуваат непродуктивните трошоци.
Каква е комуникацијата на Општина Аеродром со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
Тимчо Муцунски: Имам цел да ја претворам Општина Аеродром во место каде што граѓаните во секое време ќе можат да си ги остварат своите права. Покрај ажурна администрација, многу е важно и општината да биде отворена кон сите чинители на општеството. Сакаме да го слушнеме секое мислење, почнувајќи од жителите како поединци до сите други заедници кои работат и функционираат на нашата територија, но и пошироко. Веќе интензивно работиме на создавање на сеопфатна стратегија за продлабочување на соработката и воспоставување на цврсти врски со невладиниот сектор, а паралелно се воспоставуваат и канали за непосреден контакт со бизнис-заедницата. Секако, од големо значење е и меѓународната соработка бидејќи со зацврстување на меѓународните релации добиваме пријатели од регионот и од светот, кои понатаму отвораат можности за заедничко настапување и заеднички проекти. Ја користам оваа можност да ги повикам сите кои имаат некаква идеја за наше заедничко подобро утре слободно да се поврзат со нашата администрација и сите заедно да дејствуваме конструктивно за создавање уште подобар и поубав Аеродром.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Аеродром?
Тимчо Муцунски: Со добро планирање на средствата и домаќинско работење на општината сметам дека резултатите се неизбежни. Постојат повеќе фактори кои влијаат врз буџетот, но доколку се има долгорочна визија за тоа како сакаме да изгледа Аеродром за неколку години од сега, не е тешко да се направат проекции. Секако, за да се намали градежната експанзија како главен извор на средствата во општините, генерално, дефинитивно мора сериозно да се настапи кон градење заеднички капитални проекти кои би добиле поддршка, односно кофинансирање како од домашната бизнис-заедница, така и од меѓународните фондови, пред сè од Европската Унија. Во таа насока се и настојувањата на општинската администрација да развива како широка домашна, така и меѓународна соработка. Со сплотени сили можеме да создадеме подобро утре за сите нас, а особено за нашите деца кои растат и се развиваат во Аеродром.
извор: ekonomijaibiznis.mk.