Муцунски: 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација од Израел

Вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација од Израел – соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на прес конференција попладнево.

Тој истакна дека најдоцна до утрешниот ден, осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.

„Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел отпочна активности за евакуација на наши граѓани. Истовремено нашата Амбасада во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и непосредна комуникација со сите наши граѓани“, рече Муцунски.

Тој посочи и дека е формиран кризен штаб за безбедно извлекување на овие граѓани.

„Согласно најновите информации, 28 државјани побарале поддршка за евакуација. Очекуваме осум наши државјани до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија. Ќе се организира и безбеден конвој за транспорт кон Египет“, истакна Муцунски на прес конференцијата денеска (16 јуни).

slobodnaevropa.mk