По пожарот во Кочани, институциите во потрага по противпожарни апарати, а онаму каде имаат, спроведуваат набавки за нивно сервисирање. Ваквиот потег не го доведуваат во корелација со трагедијата во „Пулс“, туку тврдат дека се дел од годишните планови за набавки. Дирекцијата за заштита и спасување е преплавена со барања за инспекциски надзори на згради, клиники и училишта, а имаат само третина инспектори од законски предвидениот број.
Трагедијата во Кочани во вклучи алармот кај институциите на локално и државно ниво, кои случајно или не, по пожарот на дискотеката „Пулс“, тргнаа во акција за објавување на огласи за сервисирање на постојани или набавка на нови противпожарни апарати, како и одржување на хидрантска мрежа.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше причина да загинат 59 млади луѓе, а околу 200 да бидат повредени.
Според истрагата која ја отвори обвинителството, освен што објектот не исполнувал минимални услови за противпожарна заштита, имало само два ПП апарати кои не биле доволни за тој простор. Дел од противпожарните здруженија излегоа со став дека многу е битен и типот на апаратот со кој се гаси пожар.
После пожарот започна и масовно купување на противпожарна опрема, а дел од медиумите објавија дека дури и продавниците снемале залихи. Луѓето пак почнаа да споделуваат и фотографии и видеа од институции каде има недостиг на хидранти или апарати.
Се бара противпожарен апарат повеќе
На веб страницата на Бирото за јавни набавки, вкупно 18 институции се наоѓаат на листата, меѓу кои и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Централниот регистар, Агенцијата за стокови резерви, Педагошкиот факултет, Државниот студентски дом – Скопје, МРТ, неколку факултети, болници, детски градинки, комунални претпријатија…
Тие распишале тендери во втората половина на март, после огнената стихија која ја зафати дискотеката „Пулс“. Иако во годишните планови за јавни набавки планирале купување или одржување на постојна противпожарна заштита во јуни или октомври, сепак, некои од нив пристапиле кон склучување на договори сега, неколку месеци порано.
Генерално, во неколку институции каде што РСЕ праша дали напливот за купување на противпожарни апарати и одржување на мрежата е поврзана со трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани, доби негативен одговор.
Нивното образложение е дека тендерите ги имаат во годишните планови за јавни набавки, иако актуелните огласи не им се поклопуваат со временскиот период кога планирале да ги спроведат.
Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека „не може да стане збор дека постапката е иницирана од немилиот настан“.
„Огласот распишан за е-набавка за Одржување на ПП апарати, ПП опрема и набавка на нови апарати е иницирана согласно предвидените активности и потреби во Планот за јавни набавки за 2025 година кој беше усвоен за оваа година. Самиот оглас кој гласи, прво за одржување кажува дека во Фондот постои систем за противпожарна заштита. Постапката за е-набавка за одржување на ПП апарат, опрема и набавка на нови е објавена во фебруари 2025 година, согласно Планот за јавни набавки за 2025 година“, одговорија од Фондот.
Општина Аеродром, пак, на 24 март објави оглас за одржување на ПП апарати и хидрантна мрежа и елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. А во годишниот план за јавни набавки стои дека требало да го отпочнат во февруари.
„Оваа набавка нема никаква поврзаност со трагедијата во Кочани, односно станува збор за редовна постапка за одржување на ПП апаратите. Инаку, Општина Аеродром како институција ги поседува сите плански документи за заштита од пожари, како што е Процена на загрозеност, План за заштита и спасување од пожари, како и Правилник за заштита од пожари и експлозии. Општина Аеродром располага и со потребната опрема за заштита од пожари на објектот што редовно се обновува и се сервисира“, рекоа од општината за РСЕ.
Истото образложение го добивме и од Педагошкиот факултет, кој спроведе постапка за сервисирање и контрола на постојните ПП апарати и хидранти.
„Истата е предвидена во усвоениот План за јавни набавки, објавен на ЕСЈН и е опточната, независно од настанот во Кочани, со одлука на деканот на Факултетот. Во поглед на заштитата од пожари, покрај постојните ПП апарати и хидранти, секоја година се носи и План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи. Таков план е донесен и за 2024 година, а по претходно добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачно одделение Центар, кон кој е приклучена и Проценката за загрозеност од природни и други непогоди“, рекоа од Педагошкиот факултет.
Од факултетот дополнуваат дека проценка на ризици за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, како и план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи ќе бидат донесени и за 2025 година.
slobodnaevropa.mk