Владата на Соединетите Американски Држави (САД) обезбеди награда до десет милиони долари за информации што можат да помогнат во расветлувањето на кибернападите извршени против интересите на САД, особено во светло на кибернападите во Црна Гора минатиот август, јавува Анадолу.
Амбасадата на САД постави билборди на повеќе локации во Подгорица, на кои е огласена наградата за информации кои може да доведат до идентификација или лоцирање на кое било лице вклучено во злонамерни киберактивности.
Текстот на огласот е на црногорски и руски јазик, а се истакнува дека исплатата е можна и во криптовалути.
„Неодамнешните злонамерни киберактивности укажуваат на потребата од заштита на дигиталниот екосистем. Информациите за напади врз државните информациски системи, мешање во избори или злонамерни киберактивности против клучната американска инфраструктура може да се пријават со доаѓање во американската Амбасада во Подгорица“, стои во текстот на билбордите на неколку локации во Подгорица.
Нападите на информациската мрежа на Владата на Црна Гора почнаа во август минатата година, по што со месеци беше оневозможен пристапот до нивните веб-страници и мејлови, но и до другите институции како обвинителството, судовите, катастарот, Управата за приходи и царината.
Во надминувањето на последиците од кибернападите на државните институции на Црна Гора минатата година помагаа експерти од американското Федерално истражно биро (ФБИ).
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.