Јане Пирганоски (37), момчето од Прилеп кое веќе 20 години е во будна кома, хоспитализирано во прилепската болница, а за чиј случај во повеќе наврати пишуваше ,,Фокус”, конечно добива шанса за лекување во странство.
Траорната приказна на Јане започнала кога тој имал 17 години, по пад од височина, кога западнал во состојба на будна кома.
Бидејќи во земјава нема соодветни установи и кадар за третирање на такви состојби, момчето од КАРИЛ било препратено во охридската болница, а по неколку години во прилепската, каде и моментално престојува.
Неговиот татко Љупчо уште многу одамна ја започнал својата борба, да го однесе синот на лекување во странство, бидејќи кај нас, овие пациенти само се хранат и одржуваат во живот, или како што појаснува таткото на Јане, оставени се да преживуваат во кревет, бидејќи нема стручен кадар кој би работел на нивно излекување, односно будење.
Надеж добил од клиниката Дубрава во Загреб, Хрватска, од неврохирургот Дарко Чуди, кој досега им помогнал на многу пациенти во слична состојба како Јане.
Со помош на операции за мозочна стимулација кои ги изведувал неврохирургот, Љупчо смета дека може да му се помогне и на неговиот син, но процедурата изнесувала околу 23.000 евра.
По долгогодишна битка со институциите, со молби да му се одобри лекување на Јане во странство, процедура која според нашето здравство не била базирана на медицински докази, па затоа и бил одбиван, Љупчо конечно добил надежни вести.
Имено, по средбата со министерот за здравство, Арбен Таравари, каде таткото молеше да се разгледа случајот на Јане, тој добил писмо од Унивезитетската клиника за неврохирургија, во кое го известуваат дека ја разгледале медицинската документација на Јане, и за да можат да го пратат на лекување во странство, им бил потребен соодветен документ од здравствената установа од странство, дека пациентот е кандидат за соодветен медицински третман кој би се извршил во нивната установа.
-Според правилникот на фондот, не постои законска основа со која нашата клиника би упатила пациент во странство за користење на здравствени услуги, консултација и иследување за потенцијално вградување на ДБС.
Ви стоиме на располагање за повторно разгледување на случајот откако ќе добиете соодветен документ, наведено е во писмото од клиниката за неврохирургија.
-Веднаш ќе ги контактирам надлежните во клиничкиот центар Дубрава во Загреб.
Со целосната документација на Јане, и со досегашните ветувачки прогнози, не постои пречка да добиеме потврда дека тие се спремни да извршат поставување на ДБС кај син ми.
Со години трае нашата битка, да се надеваме дека до тука било, дека конечно Јане ќе добие шанса за оздравување. И не само тој, туку и сите останати пациенти во слична состојба, на кои и не им се знае официјалниот број во земјава, бидејќи нашето здравство крева раце од нив и најчесто родителите се принудени да си ги земат дома и самите да се грижат за нив.
За докторот Дарко Чуди, кој ги извршува овие процедури, објавени се низа на документарни филмови, сведоштва на пациенти… Да им се даде шанса на сите во слична состојба на Јане, без разлика на тоа од каде доаѓаат ветувачките прогнози, бидејќи ако кај нас ова е нешто ново, треба да се бара спасот во други земји каде медицината на ова поле отишла понапред, истакна Пирганоски.
fokus.mk