Од 30 до 35 отсто од македонските граѓани имаат веќе проблем со обезност, додека во светот бројката изнесува една милијарда. За десет години, според проекциите ќе порасне за 50 отсто, и тоа не само во развиените држави, туку и во државите што се во развој како што е Северна Македонија.
„Тоа не е проблем само на популацијата што има подобри услови за живеење, туку и во државите кои што се развиваат“, вели министерот за здравство, Арбен Таравари.
Во Северна Македонија, 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години живеат со вишок на килограми.Од нив, 13,8% имаат прекумерна тежина, а 4,4% со екстремно дебели. „Досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни. Време е да се обединиме за промена на системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т.н. ’обезогена средина’, порачуваат лекарите по повод Светскиот ден на дебелината.
Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место.„Таа не е само проблем за поединците, туку е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа“, велат од Институтот за јавно здравје.
Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и трансмасти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Затоа ИЈЗ ги повикува на промена на системите кои ја создаваат оваа криза. Според нив, потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на секојдневните навики на граѓаните.
Промена на исхраната и даноци за засладени пијалоци
Решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап. Според ИЈЗ, потребни се ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, според нив, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.
Истовремено, здравствениот систем во Северна Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки.
Повеќе рекреација и здрав живот
Локалната самоуправа има клучна улога во создавањето на услови кои ќе овозможат поголема физичка активност и здрави навики. Изградбата на јавни зелени површини за рекреација и развој на инфраструктура за пешачење и велосипедизам се неопходни чекори за поттикнување на здравиот начин на живот. Работодавците, исто така, можат да играат важна улога во намалувањето на стигмата и во создавањето на работни услови кои ги поддржуваат здравите навики.
DW