Владата на предлог на Министерството за финансии ги усвои измените и дополнувањата на Законот за царинската тарифа, со кои се предвидува намалување на царинските стапки за околу 70 стоки – главно суровини и репроматеријали што ги користи домашната индустрија.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека измените се дел од владината Програма за работа 2024-2028 и имаат за цел постепено усогласување на царинските стапки со оние во Европската унија. Според најавите, во јули 2025 година ќе се намали за 50 отсто разликата меѓу македонските царински стапки и оние на ЕУ за конкретните производи.
– Преку овие измени се очекува подобрување на конкурентноста на домашните компании на странските пазари, зголемување на извозот и на девизниот прилив, како и поттикнување нови инвестиции и отворање работни места – велат од Министерството.
Со мерките, директна поддршка ќе добијат секторите на автомобилска и метало-преработувачка индустрија, металургија и енергетика. Посебен акцент е ставен и на намалувањето на царинските давачки за литиум-јонски батерии, што ќе овозможи дополнителна поддршка на растот на енергетскиот сектор.
Предлог-законот наскоро ќе биде доставен до Собранието за понатамошна процедура.