Расте бројот на жени кои се жртви на семејно насилство во последните четири години. Сместувањето во шелтер центри е краткотрајно, жртвите се брзо оставени на „милост“ на насилниците, предупредуваат невладините. Тие спречија законски измени кои предвидуваа на полицаец обвинет за семејно насилство да не му се одзема оружјето.
„Се омажив од љубов по неколкугодишна врска, но со раѓањето на првото дете мојот сопруг се смени преку ноќ. Ме обвинуваше дека сум лоша мајка, а бебето беше плачливо. Се пожалив на мајка ми, но таа ми рече трпение-спасение“. Вака за Радио Слободна Европа ја раскажува својата животна приказна, жена од внатрешноста на земјата, која сакаше да остане анонимна, а нејзиниот идентитет ѝ е познат на редакцијата.
Надежта за спас на бракот ја гледала во советување во локалниот Центар за социјални работи, но таму стручните лица ѝ рекле дека таа е за на психолог. Ситуацијата кулминирала по враќањето дома, кога во вечерните часови сопругот ја претепал.
Раѓањето на второто дете, вели нашата соговорничка, донело мир, но тоа траело кратко, сè додека таа не останала без работа.
„Се случуваше да ми рече да станам од масата за ручек, оти тој го купил јадењето. Одев во другата соба да плачам, а децата седнуваа до моите нозе и се чудеа зошто плачам“, раскажува жртвата на насилство.
slobodnaevropa.mk