Јавното претпријатие за државни патишта лани забележа рекордни приходи. И покрај тоа Министерството за финансии мора да ги пополнува финансиските дупки на ЈПДП. Засега нема промена цените на патарините ниту на начинот на плаќање. Опозицијата алармира – македонските граѓани плаќаат најскапи патарини во регионот.
Министерството за финансии исплатило 43 милиони евра за заеми каде што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е главен должник. Ова за Радио Слободна Европа го потврдуваат од финансии под каде велат дека исплатите се за автопатот Миладиновци-Штип кај Кинеската банка од каде е земен заем, а во истата банка и за автопат Кичево-Охрид, како и на ЕБРД за експресниот пат Раец – Дреново и реконструкцијата на експресниот пат Штип – Кочани.
Овие прокти ги спорведува ЈПДП, но кога претпријатието нема пари за да си ги плати кредитите тогаш според договорот Министерството ги покрива тие пари.
„Во случај кога корисникот на државната гаранција не е во можност навремено да ја плати доспеаната обврска кон кредиторот (за која е издадена државна гаранција), доставува известување до Министерство за финансии во кое се образложени причините поради кои не е во можност да го изврши плаќањето. По добиеното известување од ЈПДП, обврската ја плаќа Министерство за финансии со средства од Буџетот“, велат од Министерството за финансии за РСЕ.
Инаку минатата година беше рекордна по наплата на патарини. Претпријатието за патишта во 2024 година имало приход од 66.5 милиони евра што во споредба со претходната е повеќе за 4,3 милиони. Но, и покрај тоа ЈПДП чека пари и од Министерството за финансии бидејќи како што велат од претпријатието собраните приходи од патарина се околу 30% од вкупниот приход на ЈПДП, а овој процент не е доволен за обнова на инфраструктурата.
„Градењето на патна инфраструткура е скап процес и процес кој континуирано трае. Не е доволно само да се изгради еден пат туку потоа тој мора и да се одржува. Средствата собрани од надоместокот за употреба на јавни патишта не се користат само за одржување на автопатиштата како што е во некои земји, туку кај нас тие се распределуваат и се наменети за финансирање на нови градби, но и на реконструкција, рехабилитацијата, одржување и заштита на сите државните патишта додека, пак наплатата на патарини е само на автопатиштата, но не и на експресните, магистралните и регионалните патишта“, велат од ЈПДП.
slobodnaevropa.mk