Народна банка: Граѓаните сѐ повеќе ги користат дигиталните канали за плаќање во земјава

Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2022 година, забележаа годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 22,9% и 17,8%, соодветно. Притоа, бројот на извршени трансакции забележа годишен раст од 18,3% на физичките места на продажба, односно од 12,6%, на виртуелните (интернет) продажни места, во споредба со вториот квартал од 2021 година. Овие податоци укажуваат дека граѓаните и натаму сè повеќе ги користат дигиталните канали за вршење на плаќањата.

Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во вториот квартал од 2022 година, е забележан годишен раст од 14% кај вредноста на трансакциите, односно 5,5% кај бројот на извршените трансакции, во споредба со истиот период од 2021 година.

Граѓаните и понатаму ги користат придобивките од електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2022 година се зголемил за 11% на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации (раст од 19,9% на годишна основа), што повторно укажува на натамошно менување на навиките при извршувањето на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

Во првото полугодие на 2022 година, кај граѓаните е остварен годишен раст на вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери од 15,1%, односно 10,9%, соодветно.

извор: Народна банка