Министрите за одбрана на НАТО усвоија нови цели за земјите-членки, што претставуваат масовно зголемување на вооружувањето за европските земји. Програмата предвидува значително проширување на капацитетите за одвраќање и одбрана во наредните години. Се состои од нови цели за воените капацитети. Целите за способноста, што се поставуваат на секои четири години, содржат насоки за тоа како сојузниците треба дополнително да ги развиваат своите вооружени сили за да ги исполнат своите мисии во рамките на Алијансата.
Деталите за насоките се тајни. Сепак, во светлината на заканата од Русија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зборуваше за „амбициозни“ цели што претставуваат „огромен скок напред“. Фокусот е на воздушната и ракетната одбрана, оружјето со долг дострел и логистиката.
На нивниот состанок во Брисел, министрите за одбрана се подготвуваат за самитот на НАТО во Хаг на крајот од месецот.
На почетокот на состанокот во Брисел, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет го повтори повикот на неговата земја до земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од нивниот соодветен бруто домашен производ (БДП). „Очекуваме ова да се случи до самитот во Хаг“, рече Хегсет. „Тоа е нашиот главен фокус“. Предлогот на претседателот на НАТО Руте бара земјите-членки да трошат 3,5 проценти од својот БДП за трошоци за одбрана и 1,5 проценти за трошоци поврзани со одбраната – што заедно би одговарало на петте проценти што ги побара американскиот претседател Доналд Трамп. Другите министри за одбрана, исто така, го поддржаа ова барање во Брисел.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус на маргините на состанокот изјави дека Германија ќе формира и „целосно ќе опреми“ нови големи единици во наредните години.
Но, за Германија да го даде својот придонес за овие цели, на Бундесверот му се потребни до 60.000 дополнителни активни војници, „Претпоставуваме – но ова е само груба проценка, – дека ќе ни требаат околу 50.000 до 60.000 војници повеќе во постојаните вооружени сили отколку што имаме денес. А во исто време, природно ќе се појави прашањето: дали новата воена служба ќе биде доволна во следните неколку години?“, рече Писториус во Брисел.
DW