Најголем дел од политичарите ги користат Фејсбук, Твитер и Инстаграм за себепромоција

Најголем дел од политичарите ги користат Фејсбук, Твитер и Инстаграм за себепромоција, но онлајн не многу комуницираат со граѓаните, покажува анализата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи. Најголем дел функционерите користат фејсбук. Онлајн се и шефот на државата, премиерот, Владата, градоначалниците…Без социјални мрежи единствено живее министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. На социјалните мрежи ги нема пратениците Панчо Минов, Драгољуб Филипоски, Мерита Колчи-Коџаџику и Стојан Миланов, а според истражувањето пратеникот од ДПА Мендух Тачи е активен само на Твитер.

Од вкупно 120 пратеници 115 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум. Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81, покажува редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Во анализата се оценува, дека сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните медиуми е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови.

 

vecer.press