Бројот на загинати во застрашувачкиот бран шумски пожари што зафати неколку делови на Лос Анџелес се искачи на најмалку десет. Пожарот „проголта“ околу 10 000 куќи и други згради, а бројот на евакуирани граѓани се искачи на околу 180 000.
Пет пожари сè уште се активни во и околу овој град во американската сојузна држава Калифорнија.
Материјалната штета сега се проценува на 150 милијарди долари.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој прогласи голема катастрофа на 7 јануари, два дена подоцна вети дека федералната влада целосно ќе ги покрие трошоците за опоравување од пожарот во следните 180 дена, што вклучува отстранување на остатоци и опасни материјали, изградба на привремени засолништа и плати за итните служби на терен.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас од редовите на Демократската партија, соочена со критиките на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци за справување со катастрофата, изјави дека веќе размислуваат како брзо да го обноват градот.
slobodnaevropa.mk