Најмалку 22 мртви по големата експлозија во хотел во Хавана

Најмалку 22 лица загинаа, а повеќе од 60 се хоспитализирани откако голема експлозија потресе еден од најекслузивните кубански хотели со пет ѕвезди.

Се верува дека цистерна со гас паркирана пред хотелот Саратога во Стара Хавана се запалила, предизвикувајќи експлозија која уништила неколку ката од зградата. Историскиот хотел требаше повторно да биде отворен по пандемија за четири дена.

Се уште трае операцијата за пребарување и спасување за лоцирање на луѓето затрупани под урнатините.

Кубанското претседателство соопшти дека меѓу загинатите има бремена жена и дете. Повредените се згрижени во блиските болници. Јазира де ла Каридад, која живее еден блок подалеку од хотелот, за CBS изјави дека „помислила дека (експлозијата) е земјотрес“.

Училиштето веднаш зад хотелот не е погодено, а локалните власти потврдија дека сите деца се безбедно евакуирани.