Најмалку 98 загинати, над 150 повредени по уривањето на покрив на дискотека во Санто Доминго, во Доминиканска Република

Бројот на загинатите по уривањето на покривот на дискотека во Санто Доминго, во Доминиканска Република се искачи на најмалку 98. Според шефот на Службата за спасување, Хуан Мануел Мендез, повредени се над 150 луѓе. И натаму се трага по десетици луѓе кои се водат како исчезнати.

Според медиумски информации, покривот на популарниот клуб „Џет сет“ ненадејно се урнал за време на настапот на познатиот пејач Руби Перез. Судбината на 69-годишниот пејач долго време беше нејасна: ќерката Зулинка Перез првично изјави дека нејзиниот татко преживеал, но менаџерот на пејачот подоцна ја потврди неговата смрт.

Според медиумите, меѓу загинатите е и доминиканскиот бејзбол играч Октавио Дотел. Тој бил извлечен од урнатините, но на пат кон болница им подлегнал на повредите.

Надлежните досега не дадоа информации за тоа колку луѓе имало во ноќниот клуб во моментот на несреќата. Медиумите информираат за 500 до 1000 гости. Во потрагата по затрупаните луѓе  учествуваат повеќе од 370 помагачи.

„Најважната цел е да се спасат животи“, изјави претседателот Луис Абинадер за време на посетата на местото на несреќата. Според претседателот, меѓу загинатите е и гувернерката на провинцијата Монте Кристи, Нелси Круз, која им подлегнала на тешките повреди во болница.

DW