На денешен ден бил роден Никола Тесла револуционерниот електро-машински инжинер и футурист

Никола Тесла (Смилјан, 10 јули 1856 – Њујорк, 7 јануари 1943) бил српски  пронаоѓач, електро и машински инженер и футурист, најпознат по неговиот придонес во дизајнот на модерен систем за напојување со наизменична струја со електрична енергија.

Најзначајните пронајдоци на Тесла се полифазниот систем, ротирачкото магнетно поле, асинхрониот мотор, синхрониот мотор и трансформаторот Тесла. Тој откри и еден од начините за генерирање на високофреквентна струја, даде значаен придонес во преносот и модулирањето на радио сигналите, а забележана е и неговата работа во областа на рендгенските зраци. Неговиот систем на наизменична струја овозможи многу полесен и поефикасен пренос на електрична енергија на долги растојанија. Тој беше клучен човек во изградбата на првата хидроцентрала на Нијагарините водопади.

Почина на 87 години, сиромашен и заборавен. Тој е единствениот Србин по кого е именувана меѓународна единица мерка, единица мерка за густина на магнетниот тек или јачина на магнетното поле – тесла. Никола Тесла е автор на повеќе од 700 патенти, регистрирани во 25 земји, од кои 112 се од областа на електротехниката.

Тој лично се сретнал со двајца српски кралеви, кралот на Србија Александар Обреновиќ за време на неговата посета на Белград на 1 јуни (17 мај) 1892 година и кралот на Југославија Петар II Караѓорѓевиќ во јуни 1942 година во Њујорк.