На денешен ден во 1926 година починал македонскиот лингвист Крсте П. Мисирков, автор на капиталниот труд „За македонцките работи“

Тој е истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издавал на македонски јазик, весникот „Вардар. Умрел во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година.

Мисирков е кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и идеолог за единство на македонскиот народ со интелегенцијата. Тој е и автор на првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.

Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

Селото Постол – Ениџевардарско каде е роден Крсте Петков Мисирков се наоѓа во Егејска Македонија, недалеку од древната македонска престолнина Пела. Шест одделенија основно училиште завршил во родното место, слушајќи настава на грчки јазик и на таков начин го совладал туѓиот, наметнат јазик. Лошата материјална сoстојба на неговото семејство не му дозволила да го продолжи веднаш неговото образование. По неколкугодишна пауза, Мисирков се здобил со стипендија од српското друштво „Свети Сава“. Тоа биле првите закани за навлегување и на српската пропаганда во Македонија, преку инсталирање на разни стипендии за едуцирање на т.н. свој кадар како што веќе правеле грчката и бугарската пропаганда во Македонија.

Користејќи ја извесно време оваа стипендија, Крсте Петков Мисирков сфатил многу добро дека српската буржуазија ја започнала својата грда игра. Чувствувајќи ја денационализаторската политика, изразена преку дејноста на друштвото „Свети Сава“, Крсте Мисирков учествувал во немирите што ги пројавиле македонските стипендисти. Потоа со неколкумина свои едномисленици избегал од Белград во Софија. Тоа што го дочекало во Бугарија, речиси, по ништо не се разликувало од почувствуваниот режим во Србија.

„За македонцките работи“

Најзначајно дело напишано од раката на Крсте Петков Мисирков е книгата „За македонцките работи“ објавена во Софија во 1903 година. Во таа книга Мисирков ја обработува положбата на македонскиот народ, актуелната тогашна политичка и етнографска состојба на Македонија и пошироко.

Најзначаен дел е последната глава од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ во кој јасно Мисирков дава предлог за оформување на литературен стандарден македонски јазик базиран врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилична азбука.

denesen.mk