На 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница, умрел Константин Миладинов, македонски поет, собирач на македонски народни песни и умотворби.
По завршувањето на основното образование во Струга и гимназија во Јанина, во 1847 година станал учител во селото Трново, Битолско. На 14 октомври 1849 година се запишал на Филозофскиот факултет (филолошка група) во Атина.
По завршувањето на студиите престојувал во манастирот „Зограф“ на Света Гора. По враќањето во Струга, станал учител во битолското село Магарево, а потоа во 1857 година се запишал и студирал словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник „Братски труд“, како и во весникот „Дунавски лебед“.
На 24 јуни 1861 година во Загреб излегол Зборникот на народни песни и умотворби на браќата Димитар и Константин Миладинови.
Константин Миладинов е роден во Струга, во 1830 година.
Зборникот на народни песни е епохално дело на струшките браќа Миладиновци, македонски преродбеници во 19 век.
Зборникот подоцна стана учебник за идните генерации македонски писатели. Објавувањето на Зборникот го овозможи хрватски бискуп Јосип Јурај Штросмаер.
Зборникот на Миладиновци е најзначајната книга на македонската преродба, заедничко дело на двајцата браќа. На 24 јуни1861 година првите примероци од зборникот излегле од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб и им биле испорачани на претплатниците.
denesen.mk