На денешен ден пред 29 години, откако повеќепати е погоден со проектили на Хрватскиот совет за одбрана, срушен е Стариот мост во Мостар, симболот на градот на Неретва и највредното културно-историско наследство на Босна и Херцеговина, пишува Агенција Анадолија (АА).
Уривањето на Стариот мост во Мостар на 9 ноември 1993 година беше вест која ја шокира светската јавност, а и по 29 години во градот на Неретва тоа е тема која отвора стари рани и буди болни сеќавања.
Стариот мост во Мостар е срушен со гранатирање на Хрватскиот совет за одбрана. Со него и целото старо јадро на Стариот град, меѓу кои и неколку монументални џамии, медреси и единствениот амам во Херцеговина.
Уривањето на Стариот мост започна дваесет дена претходно, а интензивно на 8 ноември 1993 година. Гаѓан е од околните планински падини на Планиница и Стотина со гранати со голема разорна моќ. Гранатите паднаа и врз кулите Тара и Халебинка, кои беа своевидни статички држачи на мостот. Цела една улица со продавници наречена Кујунџилук целосно исчезна. Гранатите два дена по ред интензивно, дел по дел, го рушеа мостот, за на крајот во 10 часот и 16 минути на 9 ноември, ремек-делото на Мимар Хајрудин да падне во студената Неретва.
Обновата на Стариот мост, која е финансирана од Туркије, Хрватска, Италија, Холандија, Светската банка, Европската банка за обнова и градот Мостар, започна во 2003 година.
Првиот камен во новиот лак на Стариот мост го постави тогашниот заменик премиер на Република Туркије, Булент Аринч. Обновата беше завршена во јули 2004 година, а церемонијата на свечено отворање беше одржана на 23 јули 2004 година. Работите на обновата на мостот успешно ги изведе турската компанија ЕР-БУ.
Во јули 2005 година, на заседанието во Јужноафриканската Република, Стариот мост на Неретва е ставен на Листата на заштитени споменици на УНЕСКО, како споменик на културата и помирувањето.
Стариот мост е изграден според нацртите на турскиот архитект Мимар Хајрудин во периодот меѓу 1557 и 1566 година.
извор:Агенција Анадолија (АА).