ПАРИ АНАЛИЗА | За десет месеци по основ членарина на сметката на Сојузот на здруженија на пензионерите во земјава легнале 1,5 милиони евра, покажува последната статистика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за месец октомври. На месечно ниво, пак, по овој основ на здруженијата во октомври им се уплатени 155.000 евра.
И покрај бројните негодувања од пензионерите за оваа давачка, од која, како што тврдат многу пензионери, имаат корист само оние што се активни во пензионерските здруженија, засега не се најавува никаква промена. Проблемот, како што повеќепати е пишувано, е што речиси сите пензионери сакаат и се согласуваат да им се одбиваат 150 денари од пензиите за посмртнина, која ја уплаќаат на Солидарниот фонд и по смртта се исплаќа на семејството.
Но, ако сакаат да им се одбива за посмртнина задолжително мора да уплаќаат и членство од 30 денари во здруженијата, без разлика дали се активни или не. Па така, дел од пензионерите посочуваат дека само поедини пензионери, кои се активни во здруженијата, имаат ќар од оваа членарина, додека поголем дел добиваат одвај некој календар за Нова година.
Според последната статистика од октомври, дури 313.837 пензионери потпишале да им се одбива од пензиите за посмртнина, а со тоа и за членарина. За десет месеци како посмртнина од Солидарниот фонд се исплатени 7,3 милиони евра за 15.905 починати корисници.
Вкупниот број на пензионери во октомври изнесува 332.629. Просечната пензија со зголемувањето од 6,8 проценти од септември во апсолутни бројки порасна над 1000 денари и изнесува 17.518 денари.
СЕКОЈ ЧЕТВРТ ПЕНЗИОНЕР ЗЕМА НИСКА ИЛИ ВИСОКА ПЕНЗИЈА
*над 20.001 денар пензија земаат 94.595 лица, или 28,44 проценти
*до 12.200 денари пензија земаат 91.916 лица, или 27,63 проценти
*од 12.201 до 16.000 денари пензија земаат 86.760 лица, или 26,08 проценти
* од 16.001 до 20.000 денари пензија земаат 59.351 лицe, или 17,84 проценти
Најниски пензии
82.595 пензионери спаѓаат во групата пензионери со минимални примања. Од нив најниската пензија, која изнесува 10.975 денари, ја користат 2921 пензионер. Пензија во износ од 11.525 денари земаат најмногу пензионери од оваа група, односно 45.191.
Максимална пензија
Максимална пензија земаат 1379 пензионери во државава. Најголем дел од нив, 862 лица, земаат пензија во висина од 46.421 денари. Висината на пензиите кај максималните пензии се движи од 44.561 денар до 64.394 денари. Највисока пензија во државава, 64.394 денари, земаат 73 граѓани.
Нови пензионери во октомври имало 2313. Од нив мажи се 1523, жени 790. Статистиката регистрирала и починати 1237 пензионери, од нив мажи 948, жени 289.
Целата анализа е достапна на: ПАРИ