Без договор за минималната плата заврши седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа во Владата на 3 февруари. Сепак, ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии.
„Телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на Економско-социјалниот совет“, најави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.
Таа рече дека денеска дискутирале за минималната плата, но без ставови и заклучоци.
„Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.
slobodnaevropa.mk