Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да спроведе „интензивни операции“ на Западниот Брег, по експлозиите во неколку празни автобуси во близина на Тел Авив вчера (20 февруари), се наведува во соопштение од неговиот кабинет.
Во експлозиите нема повредени, а полицијата ги истражува како можен терористички напад.
Израелската полиција соопшти дека три експлозии одекнале во автобуси во две населени места во предградијата на Тел Авив, при што биле пронајдени уште четири експлозивни направи. Локалните медиуми прецизираа дека сите автобуси биле паркирани во депоа.
Во истрагата учествуваат израелската армија, полицијата и безбедносната служба „Шин Бет“. Полицијата трага по осомничени и ги повика граѓаните на зголемена внимателност.
Досега никој не презел одговорност за нападите.
slobodnaevropa.mk