Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по едномесечна пауза денеска се појави пред Окружниот суд во Тел Авив во врска со неговото судење за корупција, јавува Анадолу.
Неговото судење беше прекинато во декември поради хируршка интервенција на премиерот.
Израелските медиуми објавија фотографии од Нетанјаху при неговото влегување во судницата, придружуван од неговиот доктор Цви Беркович.
Минатиот петок, Нетанјаху побара од судот одложување на процесот поради неговата здравствена состојба, но неговото барање беше одбиено.
„Дајте ми пауза“, изјавил Нетанјаху пред судот, а беше цитиран од израелскиот весник „Ерусалим пост“.
Ова е седми пат Нетанјаху да се појави во судница во рамките на процесот за корупција.
Против него во 2019 година беа поднесени три одделни случаи за корупција: Случај 1.000, случај 2.000 и случај 4.000, кои вклучуваат обвиненија за мито, измама и злоупотреба на довербата.
Израелскиот премиер ги негира сите обвинувања, нарекувајќи ги „лажни“.
Судењето на Нетанјаху започна на 24 мај 2020 година, што го прави првиот израелски премиер во историјата на земјата кој се појавил на суд како обвинет за криминал.
Според израелските закони, тој не е обврзан да поднесе оставка, освен ако не биде осуден од Врховниот суд, процес кој може да трае неколку месеци.
Нетанјаху исто така се соочува со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за негово апсење и за поранешниот министер за одбрана, Јоав Галант, поради злосторствата во Газа, каде што беа убиени над 47.300 лица, главно жени и деца.
На 19 јануари стапи на сила договорот за прекин на огнот, со кој беше запрена геноцидната војна на Израел врз Газа.