Низа превентивни активности на Регионалниот центар за гранични работи Север

Вчера (23.03.) полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север, заедно со претставници на ЈП „Национални шуми“, одржаа работен состанок чија што цел беше разгледување на безбедносната состојба и степенот на загрозеност на шумите од пожари, како и околу мерките што треба да се преземат за поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели. Притоа, посебно беше нагласена потребата од зајакнување на комуникацијата и координацијата помеѓу надлежните субјекти, но и со месното население, а во насока на поефикасна заштита од пожари.

Исто така, вчера, на подрачјата од Полициските сртаници за граничен надзор Блаце и Танушевци со месното населението беше разговарано и за начините за спречување на случаите за бесправна сеча на шума. Граѓаните беа информирани и за казнените законски одредби по однос на предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, како кривично дело за кое сторителите ќе се санкционираат. Воедно, превентивни активности беа реализирани и на подрачјето на Полицискста станица за граничен премин Долно Блаце во делот на сообраќајната безбедност, односно почитувањето на сообраќајните правила и прописи.

Притоа, со делење на едукативни летоци, полициските службеници ги потсетуваа возачите и сопатниците во возилата дека обврската за користење на сигурносен појас е пред се за нивна лична безбедност и дека тој безбедносен стандард значително влијае за тоа какви ќе бидат последиците од евентуалните сообраќајни незгоди. Воедно, на возачите им беше укажано за прекршочните одредби со кои се предвидува санкционирање на лицето кое нема да користи сигурносен појас, независно дали се работи за возач или сопатник.