Николоски: Владата планира задолжување од фрапантни 1 милијарда и 600 милиони евра само за една година, а граѓаните не виделе да се гради ниту еден инфраструктурен објект

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување на Радио Лидер зборуваше за огромното задолжување од 1 милијарда и 600 милиони евра кое владата на СДСМ го планира само за 2023 година, за што рече дека е далеку над буџетскиот дефицит и дека и покрај ваквото фрапантно задолжување граѓаните не можат да забележат околу нив да се гради барем еден инфраструктурен објект.

„Само за оваа 2023 година планот на Владата за задолжување е фрапантни, фантастични, незамисливи 1 милијарда и 600 милиони евра. Значи само за една година планираат да се задолжат за милијарда и 600 милиони евра. Буџетскиот дефицит оваа година, тоа значи дека колку повеќе владата ќе потроши од тоа што може да собере е некаде околу 700 милиони евра или прецизно 695 милиони евра, што значи дека се задолжуваат далеку повеќе од тоа што е буџетски дефицит. Инаку во нормални услови задолжувањето треба да го финансира дефицитот, односно разликата во Буџетот. Е сега за сето ова да не им звучи на луѓето имагинарно затоа што најголемиот трик во овие криминали поврзани со задолжувањето на Македонија е што граѓаните овие работи не ги разбираат и им изгледаат далечно, јас секогаш ги поедноставувам работите, а тоа е следното. На вакво сериозно задолжување, да размислат граѓаните дали гледаат околу нив барем еден инфраструктурен објект кој што го гради државата, а да не е тоа локалната самоуправа. Затоа што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со сите проблеми колку можат се обидуваат да работат“ истакна Николоски и додаде:

„Дали во Македонија во моментов се градат автопати? Дали се градат железници? Дали се градат мостови? Дали се градат брани? Дали се инвестира во брз интернет? Дали се инвестира во 5G мрежа? Дали се инвестира во нови болници или во реконструкција на постојните? Дали се инвестира во основни и средни училишта, дали се инвестира во факултети? Дали во една од овие десет работи може било кој слушател да види дека се инвестира во неговата околина?“

Николоски, исто така направи и компарација меѓу владите на ВМРО-ДПМНЕ во кои иако задолжувањето било значително помало може да се набројат стотици инфраструктурни објекти и владите на СДСМ кои и покрај огромните задолжувања немаат изградено ништо.

„Еве да се споредуваме. Во 2002 година како последна година на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, првата влада на ВМРО-ДПМНЕ беше 1998-2002 година, со војна во Србија и со бомбардирање на Србија 1999 година што резултираше со бегалска криза од Косово и 300 илјади бегалци кои што Македонија требаше да ги храни цела година и војна во Македонија во 2001 година, вкупното задолжување на Македонија во 2002 година, вкупно е милијарда и 500 милиони евра, а во оваа 2023 година, само за една година ќе земат милијарда и 600 милиони. Значи вкупно Македонија независна од 1991, за 11 години Македонија е задолжена милијарда и 500 милиони, а овие бандити сега за една година земаат милијарда и 600 милиони. Во 2008 година како најдобра година на втората влада на ВМРО-ДПМНЕ, вкупното задолжување е милијарда и 300 милиони, што значи се враќале пари, а во процент од БДП, затоа што секогаш се мери така е 23%, а оваа година, за само една година задолжувањето ќе е милијарда и 600, а вкупното задолжување е 62% од БДП. Во исто време, за време на влади на ВМРО-ДПМНЕ и на првата и на втората можеме сега да наброиме стотина инфраструктурни објекти коишто се изградиле, од автопати до мостови, административни згради итн, а од овие не можеме да се сетиме на ниеден и тоа е огромната разлика во економијата која што ј гледаме“ потенцираше Николоски.

 

извор: ВМРО ДПМНЕ