Премиерот Димитар Ковачевски и владата на СДСМ и ДУИ знаат дека на сите анкети на испитување на јавното мислење, ВМРО-ДПМНЕ води со повеќе од два спрема еден, а го чувствува и разочарувањето на народот од владејачката гарнитура и за тоа бегаат од распишување на предвремени парламентарни избори, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од денешниот настан во хотел Хилтон, одговарајќи на новинарски прашања.
Николоски додаде дека во историјата на македонската демократија до сега немало вакво епско бегање од распишување на предвремени парламентарни избори, како што сега оваа власт бега.
„До сега не се случило во историјата на македонската демократија да има едно вакво епско бегање од избори. Никој до сега вака не бегал од избори како што бега оваа Влада на СДСМ и на ДУИ, затоа што не само што добро ги знаат истражувањата на јавно мислење каде што предноста за ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ е повеќе од два спрема еден, а предноста на опозицијата кон власта е далеку, далеку поголема. Но, исто така, го чувствуваат и импулсот на народот, знаат дека народот е разочаран од ова што се случува, разочаран е од економското тонење, но исто така и од националните понижувања“, рече Николоски.
Доколку Ковачевски и СДСМ, рече Николоски, се сигурни дека ќе победат на следните избори, еве да ги закажеме најдоцна на пролет 2023 година, може да бидат во месеците март или април, најдоцна во месец мај и да видиме кој ќе победи на тие избори.
„Така што, најдобар начин да се докаже или да се демантира тоа што го зборуваат е да има брзи предвремени парламентарни избори, а тие се добри, како што кажав, и заради соочување и со економските проблеми во државата“, истакна Николоски.
Извор: ВМРО ДПМНЕ