Новата администрација на Доналд Трамп во САД полека и го врти грбот на Европа

Експертите го нарекуваат крај на една ера: Сѐ поизгледно е дека САД, барем под администрацијата на претседателот Доналд Трамп и свртеа грб на Украина — а можеби и на остатокот од Европа.

Откако минатата недела ги маргинализираше европските партнери во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за условите за завршување на војната во Украина, и ги отуѓи партнерите на неодамнешната Минхенска безбедносна конференција, во средата, Трамп на социјалните мрежи го нападна својот украински колега Володимир Зеленски како „диктатор“ поради одложувањето на изборите и ја обвини неговата земја за агресивната војна на Русија.

Сојузниците на Киев брзо истакнаа дека тековната руска инвазија го прави невозможно одржувањето на национални избори, кои беа закажани за април 2024 година, додека самиот Зеленски возврати дека Трамп го формирал мислењето врз основа на руски дезинформации.

Но, кавгата е многу повеќе од остри зборови. Три години по почетокот на руската инвазија, Трамп го притиска Зеленски да ја заврши војната под услови што Киев одамна ги отфрли како неприфатливи. Иако малку се знае за договорот на Трамп со Путин, изгледа дека од Украина се очекува да отстапи територии кои моментално се под руска окупација и да остане надвор од воената алијанса на НАТО.

Американскиот претседател исто така бара Украина да предаде милијарди долари вредни критични суровини во замена за продолжената воена и финансиска поддршка од Вашингтон.

Во четвртокот, американскиот пратеник за Русија и Украина Кит Келог беше во Киев, еден ден откако американски и руски претставници се сретнаа во Ријад за да разговараат за начини за завршување на војната — без Украина и без европските партнери.

ЕУ принудена да размислува за најлошото сценарио
Сега, Европската унија (ЕУ) изгледа како да се буди од својот најлош кошмар, додека САД ја намалуваат воената заштита која со децении ја гарантираше безбедноста на европскиот континент.

„Присилната капитулација на Украина би значела капитулација на целата заедница на Западот. Со сите последици што произлегуваат од тоа. И никој нека не се преправа дека не го гледа ова“, напиша полскиот премиер Доналд Туск на платформата X.

Откако беа исклучени од преговорите кои — директно или индиректно — ќе влијаат на нивната безбедност, европските функционери се прашуваат што би направиле ако охрабрениот Путин нападне друга европска држава по освојувањето на Украина — особено ако станува збор за членка на НАТО.

Државите што припаѓаат на воената алијанса се обврзани да се бранат меѓусебно во случај на напад, што значи дека во најлош случај, Европа би можела да биде вовлечена во војна помеѓу Русија и НАТО сојузниците.

„Токму тоа што го вети“
Европските официјални лица одамна стравуваат дека втор мандат на Трамп во Белата куќа ќе ја ослаби европската безбедност.

„Иако Трамп можеби делува непредвидливо и хаотично во спроведувањето на своите агенди, на стратешко ниво тој го прави токму тоа што го вети“, напиша во четвртокот експертот Ник Витни од Европскиот совет за надворешни односи.

„Неговиот пристап кон војната во Украина, кој толку брутално беше изразен во последните денови, е целосно конзистентен со неговото минато однесување и изјави“, додаде експертот.

А кога станува збор за американското повлекување, Бенџамин Талис од Институтот за демократска стратегија изјави за ДВ во четвртокот дека знаците веќе биле очигледни. „Го гледаме крајот на стариот светски поредок веќе подолго време“, рече тој.

 

 

 

DW