Нова авиолинија од Скопје до Париз, директен лет и до Амстердам

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека конечно ќе се воспостави директна линија од Скопје до Амстердам. Тоа според него е огромна можност за туризмот во Македонија. Другата вест која ја сподели Николоски е дека авиокомпанијата Изиџет формално поднела документи во министерството за Скопје-Париз до аеродромот “Орли”, кој што е најблиску до центарот на Париз.

Тој потенцираше дека во наредниот период се очекува да бидат потврдени уште 3-4 дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми. Во однос на состојбата во која како министер ги затекнал аеродромите во државата, тој истакна:

“Во услови каде приштинскиот аеродром го заминува скопскиот, а охридскиот ќе добие сериозна конкуренција во аеродромот во Валона кој што се гради во моментов, како и во помалите грчки аеродроми во северниот дел на Грција, сфатив дека мора да направиме драстична промена. Таа промена ја направивме со политиката на субвенционирање на летови, каде што прво субвенциите ќе одат по патник кој што доаѓа во Македонија, а не по патник кој што заминува од државата, како што правела претходната власт. Второ, драстично се зголемени субвенциите, и за охридскиот аеродром се повисоки од скопскиот, со цел привлекување на туристи. Тоа ги даде првите резултати и веќе имаме 8 нови линии. Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгарт, а од Охрид како дестинации се потврдени Базел и главниот аеродром во Истанбул”, истакна Николоски, кој додаде дека поврзувањето со овој аеродром во Истанбул веќе донесе и резервации на карти од Сиднеј, Вашингтон, Торонто и други светски метрополи до Охрид” потенцираше вицепремиерот Николоски.

 

 

 

skopjeinfo.mk