Откако пред година и половина од позиција на власт ДУИ експресно ја одби идејата за формирање заедница на албански општини во Македонија, оценувајќи ја како антиевропска и антиамериканска, но и штетна за конечното решение на косовското прашање, сега кога интегративците се во опозиција ретерираат од ваквиот став и најавуваат слично сценарио за излез на општините предводени од градоначалници на ДУИ од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
ДУИ на локалните избори во 2021 година освои 11 градоначалници, но дел од нив по внатрепартиските превирања му се придружија на движењето Вреди, додека другите му останаа лојални на раководството од Мала Речица.
Откако стана јасно дека актуелната власт нема намера по никоја цена да го вклучи ДУИ во власта, почнаа најавите за протести од есен поради, како што велат од опозициската ДУИ, „непочитувањето на изборната волја на мнозинството Албанци“. Во меѓувреме, внатрепартиски извори информираат дека партиското членство е максимално мобилизирано и дека ќе работи по секоја цена да стане дел од власта, без да прецизираат дали тоа вклучува и извесна дестабилизација на земјата по која на голема врата би се вратиле во Владата.
Ваквите индиции за можна дестабилизација ги потврди и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, а дека има некаква раздвиженост на состојбите во таква насока говори и присуството на високи претставници на американските разузнавачки служби во регионот, кои имаат одредени сознанија за можна поширока регионална дестабилизација предизвикана од некои надворешни централизација.
ДУИ гледа тенденциозни чекори, ЗЕЛС изненадена од ваквите тврдења
Во едно од таквите сценарија за дестабилизација на државата е и одделувањето на општините предводени од градоначалниците на ДУИ како посебни единици, кои би функционирале надвор од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Македонија, со тенденција да формираат некаква своја паралелна заедница. Намерата е кон неа да ги привлечат и другите општини на чие чело се градоначалници Албанци, без оглед на тоа дали се дел од власта, слично како што ДУИ го правеше тоа кога беше владин партнер, употребувајќи ги еднократно албанските опозициски партии за влез во Владата, за потоа целосно да ги разбие и да си обезбеди удобен политички комодитет меѓу албанското гласачко тело во земјава.
Затоа сега за остварување на таквото сценарио најпрво се фингира некаква криза во функционирањето на ЗЕЛС, односно се наметнува тезата дека опозициските општини се на нишан на ЗЕЛС, кој сака да им ги одземе овластувањата и на тој начин да ги стави под своја контрола.
ДУИ преку писмено соопштение јавно обвинува дека од формирањето на новата влада, ЗЕЛС почна да се злоупотребува политички, дури потенцираше дека има тренд на централизација и амбиции за преземање на овластувањата од опозициските општини со цел да ги заобиколи градоначалниците на општините од редовите на Европскиот фронт, што, според ДУИ, е неприфатливо.
Ова непочитување на градоначалниците на општините од редовите на албанската опозиција има тенденција да ги уништи политичката волја и албанските партии дури и на локално ниво. Затоа, во ДУИ се преземени сериозни иницијативи од страна на раководителите на општините на чело со албанската опозиција да се испита ставот за учество на градоначалниците во ЗЕЛС, тело во кое се координираат активностите за работата на општините – се наведува во партиското соопштение.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изрази изненаденост од ваквите тврдења на ДУИ, истакнувајќи дека тој како прв човек на ова независно тело не дозволил политиката да се меша и дека ниту еден од градоначалниците досега не поднел жалба.
Досега немало никаква иницијатива, ниту, пак, замерка од страна на колегите за одредена состојба или барање до мене како претседател или до преостанатиот состав на Управниот одбор, за состојба што градоначалниците на ДУИ сметале дека се изоставени од некој процес или имале забелешки. Досега такво нешто немало – вели Ѓорѓиевски.
Според него, принципите на ЗЕЛС предвидуваат какви било евентуални претставки што ги има некој градоначалник да ги достави на седницата на Управниот совет, да се расправа за нив и сите недоразбирања да се надминат меѓу градоначалниците на општините, без да се вклучи дневната политика. Првиот човек на ЗЕЛС уште потсетува дека ЗЕЛС го сочинуваат сите градоначалници на општините во државата, кои доаѓаат од различни партии, притоа обезбедувајќи сите да бидат поканети на состанокот.
Novamakedonija.com.mk