Новиот Кривичен законик е готов, се чека на мислење од ЕК, до лето и нов закон за Судски совет

Новиот Кривичен законик е завршен и чека мислење од Европската комисија по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура, а новиот закон за Судски совет треба да биде донесен до јуни годинава. Работна група работи и на измени и дополнувања на Законот за јавно обвинителство, а пристапено е и кон изработка на нов Закон за судска служба, Закон за кривична постапка и кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. Сите овие закони, се дел од вториот столб – фронт против корупцијата на Програмата за работа на Владата 2024-2028, кој предвидува реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата.

Од Министерство за правда за МИА велат дека новиот Кривичен законик е преведен на англиски јазик, а подготвени се и коресподентните табели, како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23.

По добивањето на мислење од Европската комисија, работната група во рамки на Министерството за правда ќе одржи средби за вградување на добиените мислења, по што ќе се одржат јавни расправи и текстот на Законикот ќе биде доставен во владина и собраниска постапка, велат од МП.

Во Парламентот, Кривичниот законик се носи со обично мнозинство.